Филипче: Нема да следуваат никакви разрешувања на раководители во болниците

Министерот за здравство Венко Филипче денеска негира дека следуваат разрешувања на раководни лица на болници по оставката на директорката на Детската клиника, Катерина Ставриќ.

-Не станува збор дека следува некакво разрешување. И  во текот на вчерашниот ден изјавив дека имаме континуирана, одлична комуникација со сите директори поставени во јавно здравствените институции. Директорката на Клиниката за детски болести поднесе оставка уште пред неколку месеци, кога беше во тек изборниот процес. Тогаш имавме разговор, се согласи да остане до завршување на изборите за да можеме ние да ги правиме тие промени, рече Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по положувањето цвеќе и по молебенот на УКИМ.

Тој информира дека немаат селектирано човек со кого ќе разговараат за да ја замени Ставриќ.

-Тоа ќе следи во периодот откако до крајот на неделава уште еднаш ќе се сретнам со директорката. Сакам да разговарам, да видам кои се причините што ја натерале да даде оставка, дали може да се надминат, дали би сакала да остане, бидејќи сепак помина одредено време. Тогаш кога ја поднесе оставката кажа дека станува збор за лични причини, појасни Филипче.

Владина делегација предводена од министерот за здравство Венко Филипче во чиј состав беа и министерката без ресор задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска и државниот секретар за образование и наука Енвер Хусеин денеска положија цвеќе и присуствуваа на молебенот во чест на Светите Кирил и Методиј што се одржа на Универзитетскиот кампус.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

21.05.2019 - 11:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега