Филипче најави поликлиника во Кисела Вода

Во општина Сарај во тек е изградба на поликлиника која ќе биде во склоп на Здравствeниот дом Скопје.

Поликлиниката ќе биде организирана со поделба на 4 дела кои меѓусебно ќе бидат поврзани со ходници. Во северното крило ќе бидат сместени простории за општа медицина и педијатрија, помошни простории и аптека. Во источно крило сместени ќе бидат специјалистички ординации (гинеколгија, ОРЛ, невропсихијатрија, интерна медицина и дерматовенерологија), РТГ дијагностика и лабораторија, физикална терапија. Во јужното крило – ноќна служба и администрација, а во западно крило -стоматологија и превентивна здравствена заштита(предучилишна).

„Оваа амбуланта треба да биде дел од Здравствен Дом – Скопје и ќе служи на голем број жители коишто живеат во овој регион, тоа се близу 45.000 жители од преку 20 населени места. Овие граѓани во овој момент, близу своите домови, немаат поликлиника ниту амбуланта, каде може да добијат здравствена услуга и ги користат поликлиниките во другите општини. Во оваа поликлиника треба да има повеќе дејности како лекари по општа медицина, специјалисти, рентген дијагностика и лабораторија, нешто што значајно ќе го олесни пристапот кон здравствена услуга“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој најави дека годинава ќе започне и реновирање на 10 амбуланти, а освен поликлиника во Сарај, изградба ќе започне и во општина Кисела Вода.

„Во следниот период планираме целосно да се заменат амбулантите во останатите скопски општини: Аеродром, во Лисиче, во Бутел, во Ѓорче Петров, понатаму во Карпош, сето тоа се амбуланти коишто се навистина дотраени. За првпат исто како тука во Сарај ќе има нова поликлиника и во населбата Кисела Вода. Целиот овој систем на инвестиции покажа дека јавното здравство е навистина многу битно“, рече Филипче.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

06.03.2021 - 14:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега