На денешната дискусија во организација на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) на панелот „Обликување на Европа заедно – Прогресивни гласови од Западен Балкан“, што се одржа во Барселона, претсеседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, порача дека прогресивните сили се последната линија на одбрана од авторитарните режими. Тој посочи дека кризата на демократијата започна со кризата на социјалдемократијата и на прогресивните сили.

„Тоа е јасен показател дека социјалдемократијата, во својата суштина, е единствената вистинска спротивност на антидемократските и авторитарните идеологии и режими. Ова го нагласувам затоа што некои од нас сè уште мислат дека отпорот кон авторитаризмот кај нашите колеги од централно-десничарските партии е исто толку силен како и меѓу нас прогресивците”, рече Филипче.

Во обраќањето Филипче истакна дека одговорноста за справување со новиот бран авторитаризам лежи токму кај прогресивците.

„Тешката задача за надминување на овој нов бран на авторитарни политички сили првенствено лежи врз прогресивците и социјалдемократите. Најважно за прогресивците е да поминат низ процес на темелна трансформација и на наративите и на политиките, како и на пристапот кон гласачите, за повторно да станат избирачки привлечни во новите политички околности”, рече Филипче.

Во таа насока, Филипче потенцираше дека социјалдемократите мора да понудат јасна визија и конкретни решенија што ќе одговорат на реалните предизвици со кои се соочуваат граѓаните, особено работниците.

„Треба да ја смениме стратегијата. Наместо да им држиме предавања за демократијата, треба да им дадеме приоритет на социјалните и економските прашања, да ги поврземе со нивниот животен стандард и работните услови, а потоа да го воведеме аргументот за демократијата, градејќи наратив дека само во демократија работниците можат да изградат општество на благосостојба. Дополнително, треба јасно да се позиционираме против новиот бран на нерегулиран капитализам маскиран како патриотизам. Најновиот бран ги замени неолибералните политики со далеку поопасна форма на техно-феудализам“, рече Филипче

Exit mobile version