„Мицкоски ветуваше правда, викаше дека ДУИ се криминалци а што излезе? Се договориле со Артан Груби“ рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Сител Телевизија.
Филипче нагласи дека случувањата на граничниот премин Блаце претставуваат сериозен удар врз правниот систем.
„Граѓаните не се ниту слепи, не се ниту глуви, не се ниту наивни. Сите видоа што се случи на граничниот премин Блаце тој ден – во државата се случи урнисување на правниот систем.“ рече Филипче.
Тој посочи дека начинот на кој се одвивало враќањето на Артан Груби отвора сериозни сомнежи во јавноста.
„Се појави бегалец кој што е на листа, се појави елегантно, мирно, смирено, со наочари, со насмевка… единствено нешто што недостасуваше беше Црвен Килим.“
Во однос на одлуката за домашен притвор, Филипче укажа на контрадикторностите меѓу институциите.
„Излезе соопштение од обвинителството дека пуштањето во домашен притвор е по интервенција и по сугестија на АНБ и МВР. Па излезе директорот на затворот кој што кажа дека ниту АНБ, ниту МВР, кои се директно контролирани од премиерот, дошле и направиле проценка. Тоа не се случило. Очигледно е дека договор има. На кој насмеан сте виделе да и му ставаат лисици?“ рече Филипче.
Претседателот Филипче потенцираше дека СДСМ нема страв од никакви постапки и дека секој што го прекршил законот треба да одговара.
„Кој го прекршил законот, нека одговара. Од која и да е политичка партија. Ама вакви монтирани и договорени политички дилови не носат верба во судскиот систем.“ потенцираше претседателот на СДСМ.
Филипче оцени дека со партизирано судство не може да се обезбеди вистинска правда.
„Не се прави тоа со партизирано судство… Очигледно е дека и судството и обвинителството се целосно партизирани. Тоа се луѓе кои директно му одговараат на премиерот. Па кој има верба во такво судство?“ рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.


