За жал, вистината е разочарувачка. Немојте ништо да очекувате од европскиот пат. Ама буквално ништо. И тоа не го кажувам јас, тоа го кажува премиерот Христијан Мицкоски. Човекот вика дека, ако треба, децении ќе чекаме за Европа. Што можеме да очекуваме после таква експлицитна изјава во јавноста дека оваа влада нема да направи ниту еден чекор кон Европа? Во тој контекст, реформската агенда е уште еден индикатор дека оваа влада не работи ништо. Во текот на 2025 година десетина закони требаше да се донесат во сферата на правосудството. Знаете колку се донесоа? Само еден. И тоа со парцијално имплементирани насоки од оценската мисија на Европската Унија. Ете тоа е вистината. Тоа е вистината, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче на дебата во Собранието Гласот на граѓаните за улогата на Законодаввниот дом во процесот на пристапување кон ЕУ. 

Што може Собранието да направи кога Владата ништо не продуцира и не праќа кон Собранието никакви закони? После пожарот во Кочани, јас бев кај премиерот, понудив заедничка работа на реформската агенда, формиравме работна група, од Министерството за правда ги пратија законите. Дадовме наше експертско мислење, нашите експерти дадоа не политичко, туку експертско мислење за законите за правосудство. Никој не одговори на мислењата што ги пративме во Министерството за правда. Нема одговор. Нема одговор. Десет закони од реформската агенда се врзани со финансии од Европа. 

Така што, додека не се смени мислењето на оваа влада, а мислењето нема да се смени – и апропо тоа, додека не се смени владата – ние нема да направиме никаков чекор напред кон Европската Унија. Односно, Собранието не може ништо да направи кога материјалите, реформските закони од Владата едноставно не стигнуваат до телата, до комисиите во Собранието, додаде Филипче.

Exit mobile version