„Нема општина во која СДСМ има градоначалник, а да ветената програма не е завршена 90 или 100 проценти“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на граѓанскиот собир во Конче, за поддршка на кандидатот за градоначалник Благој Илиев.
Тој истакна дека граѓаните најдобро ја чувствуваат разликата кога општините ги водат луѓе кои работат чесно и посветено во интерес на сите.
„Многу добро знаете како Благојче работеше во минатиот мандат, како се однесуваше додека беше градоначалник, дека вратата му беше секогаш отворена и дека работеше за доброто на општината и на вас, граѓаните“, порача Филипче.
Претседателот на СДСМ во своето обраќање тој нагласи дека токму оваа разлика меѓу одговорно и неодговорно владеење се гледа насекаде низ државата.
„Нема општина во држава во која што има градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, а да програмата е завршена повеќе од 20 проценти. Како да се натпреваруваат кој помалку ќе работи за граѓаните“, рече Филипче.
Тој повика граѓаните на Конче во недела да излезат масовно и да го дадат својот глас за бројот 5, за континуитет на развојот и за градоначалник кој им служи на граѓаните, не на партијата.
„За Благој Илиев, за старо-новиот градоначалник, затоа што таков градоначалник заслужувате, кој што ќе ви служи вам, не на мене, кој што ќе ви одговара пред вас, не пред мене, за да Конче и целиот регион продолжи да се развива“, порача Филипче вечерва од Конче.

