Филипче: Едно лице од Струмица се тестира дали има коронавирус

Пациентката кај која како прва беше откриен корона вирусот, останува до сега единствена. Нејзината општа здравствена состојба е добра и стабилна, не покажува знаци на евентуални идни компликации и можеме да кажеме дека влегува во фазата на опоравување, истакна на денешната прес-конференција министерот за здравство д-р Венко Филипче.

Лицата кои биле во контакт со оваа пациентка се сѐ уште во домашна изолација под медицински и безбедносен надзор, и тој процес се одвива во позитивна насока.

Министерот Филипче информираше дека со здравствените власти вчера стапило во контакт лице од Струмица кое во земјата се вратило од северна Италија на 22 февруари и кој самиот се ставил во изолација во периодот додека е во земјата. Тој се одзвал на апелите на здравствените институции и самиот се јавил во Центарот за јавно здравје и сега е под лекарски мониторинг.

Задолжителна домашна изолација им е препорачана и на двајцата бугарски државјани кои службено престојуваат во нашата земја и кои во критичниот период биле во регионите на Северна Италија, но според нивните искази, немале директен контакт со заболени.

Министерот Филипче информираше дека Комисијата за заразни болести при Институтот за јавно здравје, препорачала да биде разгледана опцијата за ограничување на поголеми јавни собири, се со цел да се превенираат можностите за контакт со лица кои доаѓаат од областите во другите земји каде што е прогласена епидемија од корона вирусот.

Филипче рече дека оваа препорака вчера била разгледана на седницата на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, и дека е утврден предлог да се разгледа препораката на Комисијата за заразни болести за ограничување на јавните собири и согласно Законот за заразни болести, за овој предлог да се произнесе Владата на Северна Македонија на денешната седница.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

28.02.2020 - 11:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега