Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска најави дека ќе биде познат составот на новото партиско раководство, откако на почетокот на декември целото досегашно раководство поднесе оставка на негово барање, освен самиот лидер.

Новите раководни лица се очекува да бидат потврдени на денешната седница на Централниот одбор на партијата.

Во интервју за „360 степени“ на МРТ синоќа, Филипче информираше дека списокот со лицата кои ќе влезат во новиот партиски врв е готов, потенцирајќи дека станува збор за комбинација на „искусни и млади луѓе“.

Лидерот на СДСМ откри и дел од имињата. Позицијата генерален секретар ќе ја задржи Александар Саша Димитријевиќ, а еден од потпретседателите ќе биде Александар Трајановски, ортопедот кој беше кандидат за градоначалник на Аеродром.

Филипче говореше за предизвиците при формирањето на тимот:

„Еден од најголемите предизвици кога се прави тим е да се обезбеди комбинација на искусни луѓе, што секако ќе ги има, и на млади луѓе коишто сакаат да се развиваат, да работат во таа сфера. И тој предизвик не е само во политиката, туку насекаде – да се обезбеди смена на генерации.“

Тој додаде дека искусните членови нема да бидат запоставени.

„Тука да бидат искусните и старите, да знаат дека не им е завртен грбот, дека секогаш е отворена вратата, дека имаат со кого да работат, на кого да го пренесат своето знаење и искуство. И таков еден тим сега ќе се формира и ќе се официјализира утре [денеска]“, рече лидерот на СДСМ.

На прашањето зошто тој не поднесе оставка по изборниот пораз, Филипче одговори дека функцијата претседател на партијата ја презел неодамна.

По поднесената оставка на 2 декември, од СДСМ тогаш соопштија: „Со овој одговорен и морален чекор раководството на СДСМ отвори простор за ново поглавје. Следува период на кадровско освежување и зајакнување, вклучување и на нови лица, организациска поставеност, внатрешна мобилизација, за нова сила и нова енергија на СДСМ.

Exit mobile version