Фазлиу од Брисел: Ќе го задржиме фокусот на интегрирање во Европската Унија

 

Република Севрна Македонија има остварено резултати не само во областите во кои што се оценува, туку и повеќе од тоа и нашата препорака е дека е време преговорите да отпочнат, Тереза Моран-Директорат за добрососедство и проширување на Европската Комисија

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, заедно со градоначалниците на 11 општини и претседателот на ЗЕЛС,  денеска во Брисел на состанокот на Заедничкиот консултативен комитет на Северна Македонија и Комитетот на региони на Европската Унија, разговараа за улогата на локалните власти во процесот на интегрирање на земјата во Европската Унија.

- Владата и прогресивните граѓани на Република Северна Македонија направија максимални напори за враќање на земјата на евроатланскиот пат. Извештајот на Европската Комисија го потврди напредокот на земјата во речиси сите области и на нашата земја и е потребен нов, посилен импулс, а тоа е отпочнувањето на преговорите со Унијата. Тоа ќе биде мотив повеќе, но и голема одговорност и за централната и за локалните власти. Ќе го задржиме фокусот на интегрирањето во Европската Унија, очекувам нашата соработка во иднина да се одвива на уште поцврсти основи, со уште повисоки цели и резултати, рече министерот Фазлиу. 

Министерот Фазлиу зборуваше за приоритетите на Владата во областа на локалната самоуправа и регионалниот развој, со акцент на рамномерниот развој на државата преку поттикнување на развојните потенцијали на општините и на планските региони и поголем пристап до предпристапните фондови на Унијата.

- Владата ја признава улогата на локалните власти и ги поддржува сите напори на општините и на градот Скопје, како и на Заедницата на единиците на локалната самоуправа за поголемо присуство и учество во процесите за побрз развој на земјата и на регионот, што ќе значи и побрзо интегрирање во Европската Унија, рече министерот Фазлиу.

Актуелниот копретседавач со Заедничкиот консултативен комитет од страна на Европската Унија, градоначалничката на Трбовље, Јасна Габрич истакна дека дебатата на Советот на министри е пресвртница на патот на Северна Македонија кон Европската Унија.

-Комитетот на региони е одлична алатка за исполнување на заедничките цели, за подеднакво разбирање на условите и продолжување на напредокот на земјата во процесот на интегрирање во Европската Унија. Европската Унија во Извештајот и изрази признание на Северна Македонија за превенцијата и спречувањето на корупцијата со донесувањето на двата закони од оваа сфера, рече Габриќ, која што  истакна дека доброто владеење на локално ниво е исклучително важен услов во исполнувањето на условите за членство во Унијата.

Копретседавачот од Република Северна Македонија, градоначалникот на Штип Благој Бочварски рече дека Република Северна Македонија направи голем напредок и од заробена држава сега се разговара за отпочнување на преговорите со Европската Унија.

-За подобри и поефикасни услуги за граѓаните на локално ниво потребно е продолжување на реформата на јавната администрација, заокружување на трансферот на надлежности, поголема транспарентност, како и ефективна фискална децентрализација која што е во тек. Процесот го гарантира воспоставениот силен дијалог со централната власт, рече Бочварски. 

Претседателот на ЗЕЛС Петре Шилегов како нова вредност го истакна силното лобирање на ЗЕЛС пред централната власт, особено за зајакнување на финансиската самостојност на општините.

-Заедницата на единиците на локалната самоуправа се залага за зголемување на приходите за општините од данокот на додадена вредност од 4,5 на 10 насто, на средствата од персоналниот данок од скромните 3 на 50 насто, за обезбедување на доволно средства од дотациите од централниот буџет, рече Шилегов.

Амбасадорката при постојаната мисија во ЕУ, Агнеса Руси Поповска зборуваше за напредокот на земјата и направените реформи и очекувањата од Европската Унија.

-Малку ќе бидеме разочарани, но не и оттргнати од процесот на интегрирање во Европската Унија. Се надевам дека Унијата ќе ги исполни очекувањата на земјите од Западен Балкан и во сопствен интерес ќе ги отвори преговорите со Северна Македонија, рече Руси.

Претставничката од Директоратот за добрососедство и проширување Тереза Моран рече дека нивната оценка е дека Република Севрна Македонија има остварено резултати не само во областите во кои што се оценува, туку и повеќе од тоа и препораката е дека е време преговорите да отпочнат.

-Владата јасно ја има искажано својата заложба, направените реформи имаат позитивно влијание и на економијата која што се подобрува, невработеноста се намалува, борбата против корупцијата е одговорност и за  централната и за локалните власти. Да останеме мотивирани до есен и да продолжиме со силните реформи, а ние ќе продолжиме со поддшката и финансиска и техничка и експертстка, рече Моран.

Утре, делегацијата од Република Северна Македонија ќе учества на пленарната сесија на “Денот на проширувањето“, настан на кој што присуствуваат сите земјите членки на Комитетот на региони на Европската Унија.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.06.2019 - 20:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега