„Фајзер“ започнува со тестирање на вакцината кај деца под 12-годишна возраст

Фармацевтската компанија „Фајзер“ денеска објави дека ќе започне со тестирање на вакцината кај поголема група деца помлади од 12 години, за да се одреди колкава доза ќе им се дава на децата во споредба со возрасните.

Во студијата ќе бидат вклучени 4 500 деца во повеќе од 90 клинички институции во САД, Финска, Полска и Шпанија, велат од американската компанија.

Врз основа на безбедноста, толеранцијата и имунолошкиот одговор на доза при тестирање на 144 деца во првата фаза од втората студија, „Фајзер“ објави дека ќе тестира 10 микрограми од дозата кај деца од пет до 11 години и три микрограми за возрасна група од шест месеци до три години.

Вакцината „Фајзер“ е одобрена за употреба кај деца постари од 12 години во Европа, САД и Канада и тие добиваат иста доза како и возрасните – 30 микрограми.

Речиси седум милиони тинејџери примиле барем една доза на вакцина во САД, според податоците на Американскиот центар за контрола и превенција на болести.

Вакцинацијата на деца и млади се смета за клучен чекор кон стекнување колективен имунитет и ставање крај на пандемијата со ковид-19.

Научниците во Соединетите Држави и некои други земји ја испитуваат врската помеѓу воспалението на срцевиот мускул и вакцините против МРНК („Модерна“ и „Фајзер“), особено кај млади мажи.

08.06.2021 - 19:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега