Европскиот суд и нареди на Велика Британија да го намали загадувањето на воздухот

Европскиот суд на правдата пресуди дека Велика Британија со години ги кршела ограничувањата на аерозагадувањето и му наложи на Лондон да ги почитува постојните правила, истакнувајќи дека Велика Британија може да биде казнета со парична казна, пренесуваат британски медиуми.

Велика Британија ја напушти ЕУ и со тоа го напушти ССЕ на крајот на минатата година, но се согласи да ги спроведува пресудите на ЕСП ако започне судска постапка додека таа сè уште беше членка на Унијата.

Во пресудата се вели дека од 2010 до 2017 година, Велика Британија „систематски и упорно“ ја прекршила одредбата за ограничување на емисиите на азот диоксид во дури 16 зони, вклучувајќи ги Лондон, Манчестер и Глазгов.

„Европскиот суд за правда и наложува на Велика Британија да ги намали емисиите на NO2 под европската граница. Во спротивно, Европската комисија ќе преземе понатамошни законски чекори и ќе изрече парична казна“, стои во пресудата.

Британското Министерство за животна средина објави дека ја разгледува пресудата на Европскиот суд.

Портпарол на Министерството изјави дека загадувањето на воздухот е значително намалено од 2010 година и дека по напуштањето на ЕУ, Британија продолжува да го спроведува планот за подобрување на квалитетот на воздухот во кој се инвестирани 3,8 милијарди фунти.

Патниот сообраќај е најголемата причина за високи емисии на NO2, што значи дека урбаните области се најмногу погодени од загадувањето.

Велика Британија ќе забрани продажба на нови автомобили и камиони на бензин и дизел, со цел да се постигнат климатските цели од 2030 година.

Макфакс

 

 

 

Добивајте вести на Viber

04.03.2021 - 13:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега