ЕУ: Руската вакцина се уште не е вклучена во стратегијата за вакцинација

По веста дека Европската агенција за лекови започнала постапка за регистрација на руската вакцина „спутник В“, се огласи Европската Унија, која вели дека руската вакцина се уште не е стратегија.

Сите светски агенции објавија дека Европската агенција за лекови (ЕМА) започнала постапка за регистрација на руската вакцина против коронавирус, што многу земји-членки веќе ја побарале за своите граѓани, дури и по итна постапка, со цел да се обидат да избегнат целосен дебакл на официјален Брисел и неговата набавка на вакцини.

Компанијата што стои зад „спутник В“ претходно ѝ понуди на ЕУ 100 милиони дози вакцини, но Брисел одби, велејќи дека руската вакцина не е во стратегијата на ЕУ за борба против коронавирусот.

Слично образложение и сега пристигна.

„ Само затоа што вакцината добива одобрение од Европската агенција за лекови, не значи дека треба да биде ставена на списокот со вакцини, кои се вклучени во стратегијата за вакцинација на ЕУ“, рече Ерик Мамер, портпарол на Европската комисија.

Се додава дека ЕК веќе склучи договори во име на ЕУ за набавка на доволни количини вакцини (2,6 милијарди дози со шест компании) со цел да се исполни целта на 70 проценти од вакцинираните Европејци до крајот на летото.

Брисел исто така нагласува дека при одобрување на вакцините за употреба на пазарот на ЕУ, тие не се водат според геополитиката, туку според проценката на квалитетот, ефикасноста и безбедноста на вакцината.

Макфакс

 

 

 

Добивајте вести на Viber

04.03.2021 - 14:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа