Неодамнешните настани со упадот на руски дронови во воздушните простори на Романија и на Полска уште еднаш ја нагласија потребата Европската Унија да преземе мерки за да се заштити себеси, кои вклучуваат и создавање „ѕид од дронови“, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за одбрана Тома Рение.

– Тој ќе служи за заштита од потенцијални напади со дронови на нашите земји од „првата линија“ и на Украина. Работата на создавањето на „ѕидот од дронови“ е во тек, рече Рение.

Тој додаде дека за ова прашање еврокомесарот за одбрана и Вселената, Андриус Кубилиус веќе разговарал со земјите од „првата линија“, односно членките на ЕУ што се наоѓаат долж источната граница на блокот кон Русија, Белорусија и Украина.

– Сега тој ќе продолжи со својата работа со нив, за да се осигури дека можеме да го оствариме тој план, доколку навистина има интерес за него од земјите членки, нагласи Рение.

Тој додаде дека за реализација на некои суштински компоненти од овој проект би можеле да се користат и средства од инструментот Безбедносна акција за Европа (САФЕ), доколку некоја од земјите членки поднесе такво барање во рамки на плановите што треба да бидат доставени до Еврокомисијата најдоцна до 30 ноември.

Leave A Reply

Exit mobile version