ЕУ: Политичкото решение единствен начин за излез од кризата во Сирија

Единствен начин за излез од кризата во Сирија е изнаоѓање политичко решение, соопшти денеска Европската комисија, еден ден откако САД објавија дека имаат сознанија оти сириските владини сили користеле хемиско оружје.

- Се надеваме дека најновиот развој на настаните ќе ги забрза напорите на меѓународната заедница за изнаоѓање политичко решение, изјави портпаролот на високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Кетрин Ештон, Мајкл Ман.

Ман оцени дека решението за кризата треба да се бара преку преговори, нагласувајќи дека треба да му се даде шанса на мировниот процес на меѓународната конференција во Женева, предвидена за идниот месец.

Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи Штефан Заиберт соопшти дека Германија нема да го промени ставот и покрај новите тврдења на САД и нема да им доставува оружје на сириските бунтовници.

Франција пак оцени дека е малку веројатно оти ОН ќе постигнат договор за воведување зона на забранети летови во Сирија.

За донесување таква одлука потребно е ниту една од петте постојани земји-членки на Советот за безбедност на ОН да не гласа против предлогот, што според портпаролот на француското Министерство за надворешни работи, Филип Лалио е малку веројатно, имајќи го предвид досегашното однесување на Русија и Кина, кои ги блокираа сите резолуции за осуда на Дамаск.

најчитано сега