Пет влијателни земји-членки на Европската Унија, предводени од Германија и Франција, официјално предлагаат воведување на привремени ограничувања на правото на глас за сите идни нови членки на блокот.

Ова го открива заедничкиот документ на Германија, Франција, Холандија, Белгија и Луксембург, во кој новинската агенција „Ројтерс“ имала ексклузивен увид, а го пренесува БТА.

Оваа радикална дебата се отвора во период кога Црна Гора брза кон членство во 2028 година, а Албанија, Украина и Молдавија силно притискаат за напредок. Меѓу европските влади сега се водат интензивни дискусии за тоа дали треба целосно да се променат правилата за прием.

Главната причина за ваквиот дефанзивен став на основачите на ЕУ лежи во претходните лоши искуства со внатрешните блокади во Брисел.

„Дел од престолнините сега бараат ЕУ да развива посилни заштитни механизми за идните членки, делумно и поради искуството на блокот со назадувањето на демократијата во Унгарија под водство на претходниот премиер Виктор Орбан.“

Предлогот предвидува строги филтри кои би биле вградени директно во идните пристапни договори.

„Во документот се наведени можните опции што би можеле да бидат вклучени во идните пристапни договори, вклучувајќи нов механизам за мониторинг и заштитна клаузула која би овозможила преземање мерки во случај на сериозно назадување во областите како што се демократијата и слободата на медиумите.“

Најголемиот удар за идните членки би бил во секторите каде што доминантно се одлучува со консензус, каде новите држави не би ја имале моќта на вето.

„ЕУ треба да поведе длабока дискусија за можноста за привремени, транзициски ограничувања на правото на глас за новите држави членки, особено во деловите од европското законодавство каде што е потребна едногласност“, пишуваат петте земји, укажувајќи на одлуките за проширување, надворешна политика и буџетот на ЕУ.“

Exit mobile version