ЕУ го повикува Израел да не користи смртоносна сила како одговор на нападите

 

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел го повика Израел да не користи смртоносна сила освен во „крајна нужда“ како одговор на денешните и вчерашните палестински напади во кои загинаа седум, а беа ранети 12 лица.

Денес две лица беа ранети во пукање во нов напад во источен Ерусалим, соопшти утрото израелската полиција и го оквалификува како „терористички напад“ извршен од 13-годишно дете, само еден ден по смртоносниот напад на синагога во истиот град во кој седум луѓе загинаа, а 10 беа ранети.

Нападите ги осудија сојузниците на Израел и некои арапски земји, а 42 лица беа приведени на сослушување во истрагата.

„Европската унија целосно ги разбира легитимните безбедносни грижи на Израел, кои дополнително се оправдуваат со последните терористички напади, но треба да се нагласи дека смртоносната сила не се користи освен како последно средство, кога е неизбежно да се заштитат животи“, рече Борел.

Борел тврди дека Унијата е загрижена поради зголемената тензија во Израел и на палестинските територии и ги повикува двете страни да направат се’ што е можно за да се смири моменталната ситуација и да започнат координирани акции за да се спречат нови напади и насилство.

Тој исто така додава дека во четвртокот во Џенин, на Западниот Брег, во судирите со израелските војници загинале девет Палестинци, а уште 20 се ранети, додека Израел вели дека операцијата во Џенин била спроведена за апсење на членови на милитантната група Исламски џихад.

Во истото соопштение за печатот, Борел го потсети Израел за фактот дека минатата година на Западниот Брег, повеќе од 150 луѓе, меѓу кои 30 деца, беа убиени во конфликт со израелските сили.

Тој потоа рече дека Унијата е „згрозена од грозоморниот терористички атентат во петокот на луѓето пред синагогата и денешниот напад во Источен Ерусалим“.

„ЕУ цврсто ги осудува овие бесмислени акти на насилство и омраза“, изјави Борел и повика на обновување на мировните преговори.

Тој апелираше и до двете страни да не реагираат на провокации.

Заедно со САД, Јордан и Египет, арапските земји кои потпишаа мировни договори со Израел, исто така, го осудија нападот на синагогата, како и Обединетите Арапски Емирати, една од неколкуте арапски држави кои ги нормализираа односите со Израел пред две години.

Од друга страна, Исламски џихад го пофали палестинскиот напад врз синагогата, но не презеде одговорност за него.

Либанската шиитска група Хезболах во саботата го поздрави нападот врз синагогата, а палестинското движење Хамас, кое е на власт во Појасот Газа, го поздрави како „одговор на злосторството во Џенин и како природен одговор на криминалните дејствија на окупаторите“.

Вчера, САД го осудија „очигледниот терористички напад“ на синагогата, а заменик портпаролот на Стејт департментот Ведант Пател им рече на новинарите дека американските власти се во контакт со нивните израелски колеги.

„Тоа е апсолутно страшно. Нашите мисли, молитви и сочувство се упатуваат до загинатите во овој ужасен чин на насилство. Најостро го осудуваме овој бесрамен терористички напад. Нашата посветеност на безбедноста на Израел останува цврста“, рече Пател.

28.01.2023 - 15:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа