Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, изразија целосна солидарност со Данска и народот на Гренланд, во идентични објави на платформата Икс. Повод за реакцијата беше изјавата на новоименуваниот американски претставник за Гренланд, Џеф Ландри, кој рече дека е „почестен што служи за Гренланд да стане дел од САД“.
„Територијалниот интегритет и суверенитет се фундаментални принципи на меѓународното право. Овие принципи се од суштинско значење не само за Европската Унија, туку и за земјите ширум светот“, наведоа Кошта и Фон дер Лајен.
Според нив, безбедноста во регионот на Арктикот останува клучен приоритет за Европската Унија, која за таа цел се стреми да соработува со сојузниците и партнерите.
Во одвоена реакција, исто така на Икс, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, нагласи дека Гренланд е автономна територија во составот на Кралството Данска и дека сите одлуки за промена на статусот може да ги донесат само Гренланѓаните и Данците.

