ЕСМ со објаснување: Греењето во Скопје ќе биде исто за сите потрошувачи

 

АД ЕСМ ја известува јавноста дека спроведе промени во системот на греење на град Скопје во правец на стандардизирање и изедначување на греењето, односно исти услови за сите потрошувачи, кои ги има вкупно 62.000 (домаќинства, деловни објекти и институции).

Промените значат дека одреден број потрошувачи приклучени на „ЕСМ енергетика“ сега ќе добиваат греење од 6 до 22 часот, како што се снабдува целиот град, и со средна дневна температура во просториите од 20 до 21 степен, како што е пропишано во мрежните правила одобрени од Регулаторната комисија.

Овие потрошувачи на „Енергетика“ досега добиваа греење 24 часа.

Имено, од 1 февруари 2.000 потрошувачи од „Енергетика“ од вкупно 4.000 се префрлени на мрежата на „ЕСМ снабдување“ (главната градска мрежа од која се снабдува Скопје), а за другите 2.000 што остануваат на „Енергетика“ во следниот период ќе се направат технички подготовки од следната грејна сезона да добиваат греење како и другиот дел од градот. По воведената промена, сметките во населбата Автокоманда нема да се покачуваат како што се појавија шпекулации, а сметките на училиштата, градинките, деловните објекти и други институции и ќе се намалат до 45 %.

Причината за воведените промени е тоа што „ЕСМ енергетика“ ќе ги стави надвор од употреба старите парни котли што немаат техничка можност за дневно гаснење и затоа греењето беше испорачувано 24 часа со енормна потрошувачка на гас.

Котлите се градени во едно друго време и за друга намена, а тоа било снабдување со технолошка пареа на производните металуршки капацитети во комплексот „Железара“ и од тие причини испораката на топлинска енергија преку нив со овие цени на гасот е неодржлива. Поради старата технологија, овие котли при работењето значително ја загадуваат и околина.

Доколку се продолжеше со истиот начин на работа, со овие цени на енергентите, тоа ќе чинеше дополнителни 15 милиони евра од буџетот од грејна сезона.

Тоа значи дека или сите граѓани на Република Северна Македонија преку буџетот ќе плаќаат за одреден број потрошувачи да добиваат греење 24 часа или сметките на сите потрошувачи во Скопје ќе бидат значително повисоки.

За информација на пошироката јавност во врска со надлежностите на системот за греење, известуваме дека од вкупно 62.000 потрошувачи во Скопје (домаќинства, деловни објекти и институции), 57.500 се снабдуваат преку новоформираните фирми „ЕСМ производство“, „Дистрибуција“ и „Снабдување“, односно преку главната градска мрежа, која претходно ја оперира БЕГ, 4.000 потрошувачи се снабдуваат преку подружницата на „ЕСМ енергетика“ и 500 преку топланата „Скопје Север“, која е исто така управувана од АД ЕСМ преку прокурист и финансирано од АД ЕСМ со буџетски средства.

Треба да се има предвид дека ако нема средства од буџетот за поддршка на АД ЕСМ во оваа енергетска криза, може да се случи и воопшто да нема греење и затоа е потребно рационално користење на ресурсите.

02.02.2023 - 11:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа