Ја информираме јавноста дека од 2 октомври 2025 година започнува грејната сезона
2025/2026 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот
Скопје, со кој управува АД ЕСМ.
Грејната сезона официјално започнува на 15 октомври, но согласно регулативата може да
почне и порано, односно од 1 октомври, доколку прогнозата за средна надворешна
температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12˚С. Според податоците од
Управата за хидрометеоролошки работи, за 2 октомври е прогнозирана средна
надворешна температура од 10˚С со што се исполнети условите за производство, испорака
и снабдување со топлинска енергија, согласно одлуката на Регулаторната комисија за
енергетика и водни услуги на РСМ. Исто така, сè до 15 октомври, на веб-страницата на ЕСМ
Снабдување секојдневно ќе се објавува информација дали се исполнети условите за
испорака на топлинска енергија за наредниот ден, соопшти АД ЕСМ.
„Навременото снабдување со топлинска енергија е клучно за комфорот на нашите
потрошувачи. Затоа повторно апелираме до сите корисници да ги завршат потребните
поправки на своите внатрешни грејни инсталации бидејќи редовното одржување е нивна
обврска и заедниците на сопственици да обезбедат непречен пристап на службените лица
до топлинските потстаници и редовно електрично напојување во топлинската станица,
односно платени сметки за електрична енергија и функционална електрична инсталација.
Завршените интервенции треба да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи.
Сите потрошувачи можат да проверат дали нивниот објект е на списокот на затворени
објекти без услови за испорака на топлина, кој е достапен на линкот „Затворени објекти –
ЕСМ Снабдување“. За информации, пријави на дефекти или известувања за завршени
интервенции, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа на потрошувачи на
телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100“, стои во соопштението од АД ЕСМ.