Ескобар: Русија не го поттикнува конфликтот во Косово

 

Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, истакна денеска дека не мисли оти Русија го поттикнува конфликтот на северот од Косово, пренесува „РТ Балкан“.

Како што оцени Ескобар, Русија „ја користи кризата во регионот како аргумент дека Западот пропаѓа“, но напомена дека кризата е долгорочен проблем што ѝ претходеше на кризата во Украина.

„Настаните во Косово одразуваат проблем меѓу разните групи, што трае долго време, постоеше и пред кризата во Украина, која го направи поважен. Но, не мислам дека овој конфликт е поттикнат од Русија“, рече Ескобар.

Формирањето на заедницата на српските општини (ЗСО), како што наведува тој, е правен услов за институциите во Приштина.

„Значи, јас зборувам за фактите. Тоа барање се наоѓа во Бриселскиот договор, во заклучоците на Европскиот совет, во рамките на договорот од Охрид. Тоа не е договор меѓу Курти и Србија, туку меѓу Косово и Србија. Ако Косово сака да се вклучи во процесот на евро-атлантска интеграција, мора да го исполни тој услов. Прашањето е дали тоа ќе се реализира сега или во рамките на некоја идна влада“, посочи Ескобар.

Тој посочи дека договорот од Охрид е сеопфатен и подразбира нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.

„Одговорностите на двете страни таму се јасно наведени. Сè може да се направи бргу, вклучително и формирањето на ЗСО. Може да имаме сè, повеќето елементи“, рече американскиот претставник.

Ескобар нагласи дека во разговорот со српскиот претседател Александар Вучиќ јасно укажал дека вртењето грб на европскиот предлог и на договорот значи вртење грб на Европа со сите последици во смисла на неуспех во натамошните интеграции и поблиска соработка со ЕУ, што, како истакна тој, сама по себе е сериозна последица.

„Пред сè, мора веднаш да ги смириме тензиите, што значи дека се надеваме дека градоначалниците нема да се обидат да ги користат тие општински згради и дека косовската полиција ќе се повлече од зградите, но и дека српските демонстранти ќе ги напуштат локациите. Ако има нови избори, Србите треба да учествуваат на нив без никакви предуслови“, рече Ескобар и истакна дека Вучиќ рекол ќе го искористи своето влијание Србите повторно да учествуваат на изборите на северот од Косово.

Ескобар нагласи дека, во врска со новите избори на северот на Косово, „не сака да чека до крајот на јули, туку дека тоа е план што во моментовт се развива“.

„Најголемиот предизвик за Србија е да ги убеди Србите во Косово да се вратат во институциите. Ова е нешто за што сме усогласени со Србија. Мора да се погрижиме Србите да учествуваат на изборите, да се вратат во институциите и да бидат добредојдени“, истакна тој.

Ескобар додаде дека „ако Приштина не сака партнерство, тогаш ќе се оддалечи од сојузот со НАТО, што само по себе е голема последица“.

„Не му дадов никаков рок на Курти. Белата куќа бара од мене в петок да дадам најнова информација за ова што се случува, но тоа е следниот чекор за мене, не е краен рок. Врз основа на следниот извештај ќе донесеме некои одлуки за иднината, но не е никаков рок за никој“, нагласи тој.

Ескобар на крајот повтори дека САД се посветени да им помогнат на Србија и на Косово „на начин што им одговара на сите“ и дека тоа води кон регионален план од кој имаат корист сите што живеат на Западен Балкан.

07.06.2023 - 16:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега