Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изрази сочувство до жртвите од падот на воениот транспортен авион Ц-130 на границата меѓу Грузија и Азербејџан во вторник, нарекувајќи ги „маченици“.
„Со Божја волја, ќе ја надминеме оваа несреќа со минимално страдање. Во молитвите сме со нашите маченици“, рече Ердоган, објави Ројтерс.
Сè уште не е познато колку жртви имало или што ја предизвикало несреќата. Локалните медиуми објавија дека во авионот имало и турски и грузиски државјани.
Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја изрази жалење за несреќата и рече дека спасувачките операции се уште се во тек.
„Разговарав телефонски со министерот за внатрешни работи на Грузија, Гела Геладзе, кој исто така е на пат кон местото на несреќата. Изразувам сочувство до нашиот народ“, напиша Јерликаја на социјалните мрежи.
Ц-130 Херкулес, произведен од американската компанија Локхид Мартин, има четири мотори и е наменет за воени транспортни мисии.
Авионот е дизајниран да слетува и полетува од неасфалтирани или полуасфалтирани писти, а се користи за транспорт на воен товар, војници и евакуации.

