Едниот тест детектира присуство на корона, а другиот дали сте го прележале вирусот без да знаете

Нема разлика меѓу тестовите за ковид-19 што се прават во приватните здравствени институции, со оние кои се прават во државната лабораторија на Институтот за јавно здравје. Има разлика во типот на тестови, појасни пред малку на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Тој информира за низата активности кои државата ги прави за да се справи со кризата предизвикана од вирусот.

– Во Институтот за јавно здравје и во еден дел на приватните институции, се прави тест што го детектира присуството на вирусот. Кога ќе се направи тестот, кога ќе се потврди присуството на вирусот, тоа значи дека пациентот е носител и може да зарази и други лица. Другата форма на тест детектираат антителата и антигенот и тој се прави во приватната болница „Систина“. Вториот тип на тест утврдува дали пациентот го прележал вирусот во лесна форма без да знае дека го имал – рече министерот.

Денеска починаа уште двајца пациенти од компликации предизвикани од корона вирусот. Едниот епидемиолошки се поврзува за член од семејството кој бил во Франција пред две недели. Другиот пациент починал на Клиниката за инфективни болести, каде што се лекувал од 27 март. Двајцата биле со претходни болести.

– На клиниката сега се хоспитализирани 54 пациенти, од кои четворица се во критична состојба, а 20 имаат кислородна маска. Останатите се со лесна клиничка слика. Денеска имаме нови случаи, направени се вкупно 392 тестирања. Бројот на вкупно заболени пациенти сега е 329 – додаде Филипче.

Вкупниот број на тестови кои се направени досега од почетокот на пандемијата, е 3.518. Мобилната болница што е монтирана на клиниката е веќе при крај, се поставуваат креветите, а од утре ќе биде во функција, иако искористениот капацитет на Инфективна е 50 отсто.

Здравствените инспектори направиле увид во болницата во Охрид каде што почина жената од Струга. Филипче информира дека увидот покажал пропусти во третманот на пациентката и дека ќе се преземат мерки за сите лица кои биле вклучени во тој процес.

Од утре започнуваат со работа и мобилните тимови во Скопје, како поддршка на пунктовите. Наменети се за постарите лица на кои ќе им се зимаат брисеви во домашни услови, со оглед на тоа дека тие се најризични.

Засега нема мерки во однос на воведување 24 часа полициски час или некакви други мерки. За тоа, дали пикот на болеста можеме да го очекуваме порано со оглед на тоа дека денеска имавме највисок број на заболени во еден ден, Филипче рече дека таква проценка би можел да даде на крајот на неделава.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

31.03.2020 - 18:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега