Џес Бејли: Ова е монументален момент за Македонија

 

Џес Бејли, амбасадорот на САД во Скопје, во интервју за „Независен“ истакна дека претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов, е за членство на земјата во НАТО.

На сугестијата дека Иванов не честитал за поканата од Алијансата и за тоа време бил на инаугурација на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, дипломатот искоментира дека е убеден во позитивните ставови на шефот на државата кон НАТО.

– Претседателот Иванов одамна ја изрази својата поддршка за иднината на Македонија во НАТО и во ЕУ, вклучително и во разговори со мене. Се надевам дека тој ќе го поддржи напредувањето на процесот. Тој ја изрази својата загриженост во врска со преспанскиот договор, но парламентот двапати гласаше за ратификација. Наскоро граѓаните на Македонија ќе имаат можност да го изразат својот став. Повторно, договорот со Грција вклучува тешки компромиси, но исто така претставува историска можност за обезбедување на иднината на земјата во семејството на западните демократии, во НАТО и во ЕУ, со новото име „Република Северна Македонија“ – одговори Бејли.

Амбасадорот на САД, Бејли, во одобрувањето на преспанскиот договор гледа шанса за граѓаните да одберат подобра иднина. САД, според него, стојат силно зад поканата на НАТО, иако крајниот збор го има Сенатот. Во интервјуто за „Независен весник“ тој повикува на отворена расправа во земјата за вредноста на договорот со Грција, порачувајќи дека тој лично не гледа подобра шанса за земјата во следната деценија.

Господине амбасадоре, што ќе им кажете на оние што се противат на договорот за името и се подготвени да му кажат „не“ на членството во НАТО?

– Најпрво, сакам да истакнам колку монументален е овој момент за Македонија. По 26 години барање да влезете во НАТО и во ЕУ, граѓаните сега имаат можност да го сторат токму тоа. Ако граѓаните на Македонија го поддржат одењето напред со преспанскиот договор, тие ќе изберат иднина со поголема безбедност, стабилност и напредок во НАТО, како и место на масата на најуспешниот безбедносен сојуз во светот.

Јас разбирам дека преспанскиот договор е компромис и дека граѓаните се разочарани од некои делови од него, но искрено не верувам дека ќе се појави подобра можност во следната деценија. Се надеваме дека ќе има отворена расправа меѓу граѓаните за вредностите на договорот. Се разбира, противниците на договорот имаат право да го изразат своето противење и да гласаат против него.

 

 

 

16.07.2018 - 19:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега