Џафери- Задорожњук: Северна Македонија и Украина се карактеризираат со пријателство, доверба како и соработка во голем број области

 Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска имаше средба со амбасадорката на Украина, Наталија Задорожњук, на која, меѓу другото, информираше за активностите што му претстојат на Парламентот во врска со законодавството и формирањето на делегациите и пратеничките групи за соработка.

Џафери изрази задоволство дека, односите меѓу Република  Македонија и Украина се карактеризираат со пријателство, доверба, отсуство на отворени прашања, како и соработка во голем број области од заемен интерес.

Како што се наведува во соопштението од собраниската прес-служба, амбасадорката Задорожњук упати честитки за успешно спроведените парламентарни избори и реизборот на Џафери за претседател на Собранието. Таа истакна дека, во Украина високо се цени тоа што Северна Македонија го поддржува унитарниот карактер, суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата, како и добрата заемна соработка во рамките на меѓународните организации и меѓупарламентарните собранија.

-Соговорниците се заложија за унапредување на економската соработка и трговската размена меѓу Република Северна Македонија и Украина, подвлекувајќи дека меѓу двете земји е изградена богата нормативно – правна рамка. Заедничките цели и приоритети за европската и евроатланската интеграција, според Џафери и Задорожњук, се одлична основа за натамошно унапредување на билатералната соработка, се наведува во соопштението.

На средбата беше нагласена плодната соработка меѓу македонското Собрание и Врховната Рада на Украина, особено на ниво на групи за соработка. Истовремено, беше изразена надеж дека во догледно време ќе бидат реализирани посети на ниво на претседатели на парламенти, штом за тоа бидат создадени поволни услови.

На средбата, амбасадорката Задорожњук на претседателот Џафери му ги предаде честитките од претседателот на Врховната Рада на Украина Дмитро Разумков, за повторниот избор за претседател на Собранието, како и по повод 8 Септември, Денот на независноста.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.09.2020 - 13:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега