Џафери-Пахор: Зајакнувањето на соработката меѓу земјите од Западен Балкан за побезбедна и посигурна Европа

Во рамки на официјалната посета на Република Словенија, претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, оствари средба со претседателот на Република Словенија, Борут Пахор на која биле упатени честитки за ратификацијата на Преспанскиот договор и усвојувањето на уставните измени, а била реафирмирана и словенечката поддршка за евроинтеграциите на земјата.

Како што соопшти собраниската прес-служба, претседателот Пахор рече дека Република Македонија е пријателска држава која дели заедничка историја со Република Словенија и земја со која постои заемна почит и одлична соработка, а ги поздрави и напорите на Република Македонија за членство во НАТО и ЕУ. При тоа истакна дека преземените одлуки за решавање на споровите со соседите бараат голема политичка одговорност, но потребна е решителност и храброст за донесување на зрели политички одлуки кои придонесуваат за подобра и побезбедна иднина за сите граѓани.

Претседателот Џафери, се наведува, изрази благодарност за поддршката на Република Словенија во напорите за интегрирање на Република Македонија во НАТО и ЕУ. Тој истакнал дека, земјата е свесна за патот што го помина, и тежината на одлуките нема да ги промени чувствата на граѓаните туку напротив, ќе ги зближи повеќе, преку заемна почит и разбирање.

-Претседателот Џафери, исто така, се заблагодари за регионалните иницијативи како што е “Брдо – Бриони процесот“, како и Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што се покажаа како добар пример за надминување на споровите од минатото и добра основа за регионална соработка. Во овој контекст, претседателот Џафери подвлече дека е особено значајна визијата на Република Словенија за интегриран и стабилен Западен Балкан во НАТО и Европската унија, стои во соопштението.

Пахор нагласил дека Република Словенија ќе направи се што е можно да ја поддржи Република Македонија во нејзиниот евроатлански пат, бидејќи само преку интеграција на сите земјите од Западен Балкан ќе имаме мир во регионот и пошироко. Тој исто така истакнал дека безбедноста на регионот влијае и на економскиот аспект, затоа што, што поскорото членство на нашата земја во НАТО и ЕУ ќе значи и поголема безбедност, раст на економијата, отворање на нови работни места и подобрување на квалитетот на секојдневниот живот.

Во текот на средбата, претседателот Џафери потсетил дека Република Македонија посветено ги исполнува неопходните реформи од приоритетните области вградени во Планот 3-6-9 и Планот 18 и тоа било вреднувано со позитивен извештај на Европската комисија и одредување на датум за преговори од страна на Советот на ЕУ. Исто така, додал, парламентарното мнозинство посветило особено внимание на унапредувањето на добрососедските односи и регионалната соработка, свесна за значењето и битноста на овој елемент во процесот на проширување. Тој нагласил дека во процесот на скрининг се активно вклучени сите релевантни институции на Република Македонија, додека во контекст на НАТО, очекувањата се дека до крајот на 2019 година, или почетокот на 2020 година, ќе станеме 30-та членка на НАТО.

-На крајот на средбата, двајцата соговорници се согласија дека е потребно да се интензивира соработката меѓу двете земји, особено во економскиот дел, бидејќи зајакнувањето на соработката меѓу земјите од Западен Балкан придонесува за една побезбедна и посигурна Европа, а со тоа ќе и се покаже и на Европа дека Балканот е подготвен да стане дел од заедницата во која се почитуваат правата и слободите на граѓаните, заедница во која владее правото, демократијата и европските стандарди, се наведува во соопштението. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

11.02.2019 - 16:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега