Џафери: Нефункционалноста на законодавниот дом е во неработењето на собраниските комисии

Претседателот на Собранието Талат Џафери ја гледа нефункционалноста на законодавниот дом во неработењето на собраниските комисии каде се заглавени закони кои треба да бидат усвоени на пленарна седница.

Според сегашните норми во Деловникот за работа на Собранието, законот не може да биде ставен на усвојување на пленарна седница додека не помине низ собраниските комисии. Тоа, смета Џафери, е пречка за работата на пленарните седници.

– Комисијата се става над пленарната седница и Собранието не може да ги извршува своите надлежности поради однесувањето на претседателите на комисиите, рече Џафери.

Од тие причини, смета дека во новиот деловник за работа би требало да се надминат овие пропусти во насока на тоа доколку во законски утврдениот рок не помине одреден закон на матичната комисија, истиот да се најде на пленарна седница на усвојување.

– Работата е во одговорноста на претседателите на комисиите, а дел од комисиите во последно време се блокирани со процедурални забелешки на пратениците. Работата стои во одговорноста или неодговорноста на претседателите на комисите, без оглед на тоа од која партија се, рече Џафери, додавајќи дека тој како претседател на законодавниот дом нема надлежност да ги санкционира комисиите.

28.09.2021 - 13:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега