Џафери-Гулијев: Северна Македонија и Албанија што поскоро да почнат пристапни преговори со ЕУ

Иднината на Западен Балкан е во ЕУ и неопходно е што поскоро Северна Македонија и Албанија да ги започнат претпристапните преговори со Унијата затоа што процесот на проширување на ЕУ промовира долготраен мир, стабилност и просперитет во целиот регион.

Ова на денешната средба го заклучија претседателот на Собранието Талат Џафери и потпретседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ и специјален претставник за Југоусточна Европа Азај Гулијев, во рамки на неговата посета на Северна Македонија, Албанија и Црна Гора.

Како што информира собраниската прес-служба, на средбата присуствуваа Игор Јанушев, шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ, Моника Зајкова, член на Делегацијата, Диме Велковски, Гордана Сиљановска-Давкова и Берат Ајдари, заменици членови на Делегацијата и амбасадорот Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

На средбата беа разменети мислења за состојбите во земјава и во регионот, како и за активностите на Парламентарното собрание на ОБСЕ, кое е единствена парламентарна организација во структурата на Организацијата и врши улога на витална врска меѓу владиниот дел на ОБСЕ и пратениците кои се директно избрани од граѓаните.

Претседателот Џафери изрази задоволство од плодната соработка на Собранието на Република Северна Македонија со Парламентарното собрание на ОБСЕ, како и со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, со цел зајакнување на парламентарната независност, надзорната функција и демократската улога и промовирање на родовата еднаквост. Тој изрази надеж дека денешната посета, како и посетите на Албанија и Црна Гора во наредните денови, во голема мера ќе му овозможат на специјалниот претставник Гулијев од прва рака да се запознае со состојбите во регионот.

Гулијев, како што се наведува, информираше дека целта на неговата посета е да добие сознанија за развојот на настаните во земјите и во регионот, како и да ја потврди посветеноста на ОБСЕ за промовирање дијалог во сите сегменти на општеството, а особено на парламентарно ниво. Тој ја промовираше идејата за основање на неформална платформа за дијалог меѓу пратениците-членови на ПС на ОБСЕ од регионот на Југоисточна Европа, што доби едногласна поддршка од претседателот Џафери и пратениците.

На средбата стана збор и за претстојното претседавање на Република Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година, при што беше истакнато значењето на соработката со парламентарна димензија на Организацијата при утврдувањето на приоритетите, спроведувањето на бројните активности и справувањето со предизвиците во рамките на претседавањето.

Соговорниците, како што се наведува во соопштението, се осврнаа на состојбата во Украина, како и на безбедносната, хуманитарната, економската и енергетската криза и заклучија дека во ваков критичен момент ОБСЕ треба да биде клучна платформа за заеднички ангажман во надминувањето на разликите и унапредувањето на безбедносната соработка.

10.05.2022 - 12:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега