Кумановци ја прифаќаат програмата на движењето ЗНАМ – За наша Македонија, кажа на денешната прес-конференција, носителката на советниќката листа на движењето Ивана Ѓорѓиевска.

„Се сретнавме со граѓаните, разговаравме со нив ги слушавме нивните проблеми, предлози и идеи. Со задоволство можам да споделам денеска дека кумановци ја прифаќаат нашата програма, се согласуваат со тоа како ние планираме да работиме во наредниот мандат. И, она што најсилно го почувствувавме е љубовта кон градот и желбата за континуитет што носи реални резултати, а не празни ветувања“, нагласи Ѓорѓиевска.

Кампањата рече таа, ја водевме чесно, транспарентно и достоинствено со проекти, со визија и со дела, „сработеното досега е најголемиот капитал и е показател дека исполнуваме, не ветувавме невозможни работи, туку конкретни решенија кои веќе се реализираат или се подготвени да почнат“.

Со проектите, како што посочи Ѓорѓиевска, Куманово ќе биде модерен град со нови улици и булевари, нови плоштади, повеќе паркинг места, со поголеми зелени површини, паркови, дрвореди и зелени појаси, со нови сообраќајни решенија депонии, со поголема водоводна, канализациска и гасоводна инфраструктура, но и, општина со нови инвестиции, новоотворени работни места и перспектива за младите.

„Веруваме во континуитет, стабилност и вистински развој. Куманово има потенцијал, има луѓе со идеи, со енергија и со желба да напредуваат. Нашата цел е едноставна да го задржиме тој напредок, да ја продолжиме изградбата на современ, зелен и уреден град, каде што секој човек ќе има достоинствен живот“, потенцираше носителката на советничката листа на Движењето ЗНАМ за Куманово.

Ѓорѓиевска ги покани кумановци вечерва да присуствуваат на завршниот митинг на Движењето ЗНАМ во Домот на културата „Трајко Прокопиев“, а в недела да излезат масовно на гласачките места.

„Излезете и поддржете нè затоа што зад нас стои визија, систем и тим што работи за Вас, не за лични интереси. Поддржете нè затоа што знаеме како, затоа што Ве слушаме и затоа што сме дел од вас. На 19 октомври изберете стабилност, искреност и дела. Гласајте за број 2 – Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“, повика Ѓорѓиевска.

Exit mobile version