Двајца тинејџери загинаа на островот Самос - најмалку 14 жртви по страшниот земјотрес во Егејското море

Двајца тинејџери загинаа во земјотресот кој го погоди грчкиот остров Самос. Со тоа бројот на жрвти во денешниот земјотрес што ги погоди Турција и Грција се зголеми на 14.

Епицентар на земјотресот со јачина од седум степени според Рихтерова скала бил во Егејско Море, 17 километри од брегот на турската провинција Измир, северно од Самос.

Двајцата тинејџери загинале кога врз нив паднал ѕид. На островот, кој како последица на земјотресот беше погоден и од мало цунами, има уште осум повредени.

Турските власти соопштија дека во земјата досега има 12 загинати и 419 повредени.

Земјотресот најтешко го погоди Измир, третиот најголем град во Турција, каде што најмалку 20 згради се урнале. Неколкумина рибари се водат како исчезнати откако земјотресот го покачил нивото на морето, што довело и до поплави во градот.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

30.10.2020 - 19:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа