Двајца пожарникари од Територијалната противпожарна единица Струга се повредени при интервенција на пожар во селото Долна Белица, а при инцидентот било оштетено и противпожарно возило.
Информацијата ја објави Фејсбук-страницата „Се молиме за Македонија“.
Според објавата, повредените пожарникари веднаш биле пренесени во болница за укажување медицинска помош, додека противпожарниот камион претрпел материјална штета.
Повредените пожарникари ги посетил градоначалникот на Струга, Менди Ќура.
При посетата било истакнато дека најважно е што нивната здравствена состојба е пред материјалната штета.
Од Фејсбук-страницата посочуваат дека за овој настан, според нивните информации, досега не информирале Министерството за внатрешни работи, Центарот за управување со кризи, ниту Дирекцијата за заштита и спасување.
Исто така, тие наведуваат дека за инцидентот досега немало известување ниту до јавноста преку медиумите.
Засега нема официјална потврда од надлежните институции за околностите под кои настанал инцидентот и за точната здравствена состојба на повредените пожарникари.


