Новата Годишна програма за работа за 2026 година денеска беше официјално усвоена на седницата на Економско-социјалниот совет (ЕСС). На средбата беа разгледани и предлог-законите поврзани со високото образование и обезбедувањето квалитет во науката, при што фокусот беше ставен на усогласување на образовниот систем со реалните потреби на бизнис секторот.

Како што појасни министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, со овој стратешки документ точно се дефинираат идните чекори и теми за социјален дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите. Меѓу клучните точки за кои ќе се дебатира се минималната плата, потрошувачката кошничка, безбедноста при работа и зголемувањето на продуктивноста.

Министерот испрати јасна порака за важноста на овие образовни реформи и нивното влијание врз економијата.

„Денешниот пазар на труд бара современи знаења, практични вештини и поголема усогласеност меѓу образовниот систем и потребите на работодавачите. Токму затоа ваквите реформи претставуваат важен чекор кон создавање поквалитетен човечки капитал, повисока вработливост на младите и посилна конкурентност на нашата економија – изјави Дурмиши.“

Партнерство за стабилен економски раст

Дурмиши подвлече дека само преку заедничка соработка и отворен трипартитен дијалог може да се дојде до посакуваните резултати кои директно ќе ги почувствуваат граѓаните.

„Само преку партнерство и заедничко креирање политики можеме да донесеме решенија што ќе придонесат за стабилен економски раст, подобри услови за работа и повисок животен стандард на граѓаните – порача по денешната седница на Економско-социјалниот совет министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.“

Exit mobile version