Владата го објави спотот со кој има намера да ја одбележи 35-годишнината од независноста на државата. Но, наместо овој јубилеј да ги претставува сите граѓани и заедничкиот пат на државата, Владата избра да прикаже исклучиво македонска верзија на нејзината историја, се наведува во соопштението од ДУИ.

-Спотот е само на македонски јазик. Уметниците се Македонци. Албанците практично не постојат во приказната што Владата ја подготвила за 35-те години на државата. Уште повеќе, една од централните фигури во спотот е Игор Дурловски, име директно поврзано со настаните од 27 април 2017 година, кога толпа насилно влезе во Собранието по изборот на првиот Албанец претседател на Собранието. Но, уште позагрижувачко е она што Владата одлучила да го избрише од историјата, велат од ДУИ преку партиското соопштение упатено до јавноста.

Додаваат дека во спотот го нема Охридската мировен договор – документот што стави крај на војната во 2001 година и ги постави темелите на мултиетничкиот карактер на државата.

-Го нема членството во НАТО – едно од најголемите стратешки достигнувања на земјата. Ја нема Првата меѓувладина конференција со Европската Унија и отворањето на процесот на преговори. Значи, избришани се токму историските моменти што ја трансформираа државата од етнички проект во заедничка држава, што ја закотвија во НАТО и што го отворија патот кон Европската Унија. Овој спот, всушност, е најточната фотографија на оваа Влада: Влада на исклучување, велат тие.

Додаваат дека Албанците можеби ги има на списокот на министри, но ги нема во приказната на државата. Ги има како имиња и бројки како декор, но не и како присуство, влијание и фактор во носењето одлуки.

-По две години систематско демонтирање на механизмите на Охридскиот договор, сега се прави обид да се демонтира и сеќавањето на него. 35-годишнината од независноста требаше да биде момент да се покаже каква држава изградивме заедно и каде сакаме да ја однесеме. Владата избра да покаже нешто друго: својата визија за држава во која Албанците се невидливи. Ова е враќање назад кое не смее да се нормализира. Додека Вреди, едноставно, невреди!, велат тие.

Exit mobile version