ДУИ за изјавата на Адеми за пописот: Тоа е негов личен став, не на партијата

ДУИ е заинтересирана да се одржи кредибилен попис кој ќе ги одрази реалните бројки на сите етнички заедници во државата. Ова за „Плусинфо“ го изјави пратеникот Арбер Адеми од ДУИ, кој претходно во гостување на ТВ21 изјави дека нема да го признае пописот ако Албанците се под 20 отсто.

Адеми вели дека неговиот одговор бил даден на провокативно прашање од Алијансата за Албанците дали ќе прифати ако пописот покаже дека Албанците се 19 отсто, на што одговорил дека никогаш нема да прифати таков резултат од пописот. Деми потенцираше дека тоа не е став на ДУИ.

Тој, но и функционери на ДУИ, за „Плусинфо“ уверуваат дека пописот ќе се спроведе и дека ставот на партијата на Али Ахмети е пописот да ги рефлектира реалните бројки на сите заедници кои живеат во Македонија, вклучително и на Албанците, без притоа да се лицитира со какви било бројки, ако искрено се сака да успее целиот процес. Сепак, Адеми останува на ставот дека според бројот на запишани ученици, Албанците би требало да бидат над 30 отсто.

– Тоа е личен став на Адеми, не на ДУИ. За да биде став на партијата треба да се состанат Централното претседателство или Централното собрание, но досега партиските органи не расправале за тоа. Не разбирам зошто има потреба да се лицитира со бројки. Колку Македонци, Албанци и други живеат во Македонија ќе покаже пописот. Не треба да се калкулира со бројки, бидејќи тоа може да го девалвира целиот процес, а тоа не знам кому би му одело во прилог. По 20 години конечно треба да се спроведе пописот без разлика што ќе покажат резултатите. Резултатите од пописот треба да ги прифатиме сите за доброто на државата – вели висок функционер од ДУИ за Плусинфо.

И пратеникот на ДУИ Арбен Зибери потврдува дека партијата нема став дека пописот нема да го признаат ако Албанците се под 20 отсто. Тој вели дека ДУИ не подготвува терен за да пропадне пописот. Напротив Зибери е дециден дека попис во април ќе има.

– Пописот нема да пропадне. Макотрпно и долго работевме на законот за попис и отстранети се сите недоследности од законот за попис во 2011 година. Законот неделава ќе го изгласаме во Собранието и попис во април ќе има. ДУИ е на став дека пописот треба да ја отслика реалноста во државата – изјави Зибери за „Плусинфо“.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

20.01.2021 - 14:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега