Министерот за правда, г. Филков, со својата изјава дека правосудниот испит нема да се полага на албански јазик, туку само на македонски, директно ги става под прашање уставниот поредок и Законот за употреба на јазиците. Да се прогласи прашањето за „затворено“, кога станува збор за уставно загарантирано право, претставува преседан без пример, реагираат попладнево од ДУИ.
Уставот и Законот за употреба на јазиците јасно утврдуваат дека албанскиот јазик е уставна и законска категорија, која мора да се почитува во сите институционални постапки, вклучително и во оние поврзани со правосудството. Секое отстапување од оваа обврска е директно прекршување на позитивното право. Кога еден министер си дозволува свесно да игнорира уставно загарантирано право, тој не само што ја нарушува јазичната рамноправност, туку испраќа опасна порака дека законите може да се толкуваат и применуваат според дневно-политичка волја. Тоа создава неприфатлив преседан и отвора простор за понатамошни злоупотреби.
ДУИ бара политичка одговорност за овие постапки и ќе ги искористи сите демократски механизми за заштита на албанскиот јазик како неприкосновена уставна и законска категорија. Почитувањето на Уставот не е прашање на личен избор, туку темелна обврска на секој носител на јавна функција, стои во соопштението на ДУИ испратено до медиумите.


