Управата за јавни приходи организира средба на која државните институции и приватниот сектор разговараа за конкретни мерки против неформалната економија. Под координација на Министерството за финансии, повеќе институции неодамна потпишаа заедничка декларација за партнерство и координирана акција за формализација на економијата, а денешната средба претставува конкретен чекор во реализацијата на таа стратешка цел.
Борбата против сивата економија е неразделна од градењето здрава економија, бидејќи директно придонесува за проширување на фискалниот простор и економски раст. На средбата со тема „Усогласеноста и фер конкуренцијата одат заедно” учествуваа членови на Советот за даночна усогласеност, Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат, Општина Кавадарци, Центарот за микро, мали и средни претпријатија при Стопанската комора, како и претставници од угостителско-хотелскиот сектор. Средбата претставуваше платформа за дијалог, размена на искуства и предлози од различни перспективи.
Управата за јавни приходи во својата програма се води од принципот дека целта не е максимално казнување, туку воспоставување на ред преку јасни правила, паметни контроли и еднаков третман за сите. Во изминатиот период особено внимание е посветено на угостителството, трговијата на мало и услужните дејности, каде плаќањата претежно се вршат готовина и постои поголем ризик од неевидентирање. Специјален фокус беше на туристичкото изнајмување преку дигитални платформи, кој има значајно фискално значење за централната и локалната власт.
Учесниците истакнаа дека сивата економија не е само прашање на неплатен данок, туку фактор што создава нелојална конкуренција и ги оштетува честите бизниси. Намалувањето на неформалната економија бара активно партнерство меѓу државните институции и бизнис заедницата. Во дискусијата беше нагласена улогата на современите технологии и дигиталните алатки во подобрување на координацијата меѓу институциите, како и потребата од решавање на административните и финансиските оптоварувања со кои се соочуваат малите бизниси.
