Цените на основните прехранбени и животни производи се под засилен надзор на државните институции, кои во овој период спроведуваат анализа на пазарот со цел утврдување на движењата и можните корекции на економските политики.

Државниот пазарен инспекторат во моментов активно ги следи цените на околу 700 есенцијални производи кои се дел од потрошувачката кошничка на едно просечно македонско семејство.

Надлежните најавуваат дека за околу една недела ќе бидат познати комплетните резултати од анализите, врз основа на кои ќе се утврдуваат идните мерки и насоки на економската политика.

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, потврди дека теренските контроли се веќе во напредна фаза.

„Посетени се многу објекти и ќе знаеме која економска политика понатаму да ја примениме и како Влада и како Министерство за економија и труд“, изјави Ристески.

Според него, инфлацијата во земјата е на пониско ниво во споредба со регионот, поради што се очекува и стабилизација на цените на пазарот.

„Очекуваме цените да паѓаат и да не растат, освен ако има одредени економски услови за тоа. Имаме берзански производи на кои не можеме да влијаеме, но целта е инфлацијата да остане ниска“, додаде тој.

Exit mobile version