Српските власти преземаат превентивни мерки поради исклучително ниското ниво на реката Дунав, предизвикано од долгиот период на високи температури и суша. Поради тоа, во делови од Автономната покраина Војводина е прогласена вонредна состојба со цел да се спречат проблеми во водоснабдувањето и економијата.

Премиерот на Србија, Ѓуро Мацут, по седницата на кризниот штаб изјави дека надлежните служби се интензивно на терен за да овозможат стабилно функционирање на водните системи.

„Во тек е отстранување на подводните насипи за да се овозможи пренасочување на водата кон пумпните станици и полнење на каналите во системот Дунав-Тиса-Дунав, како и во останатите системи за водоснабдување“, рече Мацут.

Тој посочи дека состојбата се следи на целиот тек на реката низ Србија, а мерките се координираат со Министерството за економија и останатите институции.

Според српскиот премиер, во моментов нема директна опасност, но сите чекори се преземаат превентивно за да се избегнат нарушувања во текот на летото.

„Сè што правиме е навремена подготовка и спречување на можни проблеми. Во овој момент системот е стабилен и безбеден“, изјави Мацут.

Екстремните временски услови во регионот веќе предизвикаа значително намалување на водостојот на повеќе реки, што претставува сериозен предизвик за земјоделството, енергетиката и речниот сообраќај.

Exit mobile version