Драматичен момент на границата помеѓу Јужна и Северна Кореја: Ова е моментот кога Пјонгјанг ја разнесе канцеларијата за врски (ВИДЕО)

Северна Кореја потврди дека денес нивните војници ја уништиле меѓукорејската канцеларија за врска во пограничниот град Кесонг.

Како што пренесува севернокорејската државна телевизија "KCNA", уништувањето на канцеларијата е одговор за „ѓубрето“ кое треба „скапо да плати за своите злосторства“, што очигледно се однесува на активистите кои од Јужна Кореја со балони испраќаат пропагандни пораки на север.

"KCNA" не објасни детално како е извршено уништувањето на канцеларијата, но наведено е дека е „трагично уништена со голема експлозија“.

До експлозијата дојде само три дена подоцна откако сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун предупреди дека Северна Кореја ќе ја сруши „бескорисната“ канцеларија за комуникација. Претходно Севернокорејците ја прекинаа секоја врска со Сеул, вклучувајќи ја и „жешката линија за врска помеѓу лидерите на двете нации“.

Северна Кореја денес соопшти дека е подготвена да испрати војска во демилитаризираната зона која ги раздвојува двете Кореи. И овој потег е одговор на Пјонгјанг за летоците кои пристигнуваат од Јужна Кореја.

Претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае Ин денес свика итен состанок на највисоките службеници од безбедносните служби, по што беше соопшено дека Сеул силно ќе одговори на било каква провокативна акција на Северна Кореја.

Министерството за одбрана соопшти дека јужнокорејската војска внимателно и деноноќно ги следи чекорите на севернокорејската армија и дава се од себе да спречи моменталната ситуација да ескалира во воена криза.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.06.2020 - 14:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега