Денешното судско рочиште за случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани беше прекинато поради влошената здравствена состојба на првообвинетиот Дејан Јованов-Деко. Откако неговата одбрана побара замена на мерката притвор со куќен притвор, на првообвинетиот му се слоши, по што беше повикана екипа на Итна медицинска помош.
Адвокатката на обвинетиот, Коцевска, јавно алармираше дека Јованов неодамна бил подложен на втора хируршка интервенција поради инфекција и дека е спроведен на судење во исклучително тешка состојба.
„Тој денеска на најнехуман начин беше спроведен директно од болница на судење, иако во таква состојба треба да биде хоспитализиран. Неговата рана е отворена и подложна на инфекција“, изјави адвокатката Коцевска.
Судијката Дијана Груевска-Илиевски, пак, информираше дека судот е запознаен со здравствената состојба и дека по интервенцијата на Брзата помош, констатирано е дека обвинетиот може да ја следи расправата. Таа појасни дека согласно медицинските препораки, предвидениот период на мирување од три дена по операцијата е поминат. Иако на обвинетиот му била понудена вода и храна, тој истите ги одбил, додаде судијката.


