На Конститутивно-изборната седница на Собранието на Црвениот крст на Република Северна Македонија, д-р Лилјана Ристевска е избрана за претседател на организацијата за новиот четиригодишен мандат. Со оваа одлука, таа станува првата жена претседател на Црвениот крст на Република Северна Македонија од осамостојувањето на државата.

Изборот на Др. Ристевска претставува значаен историски момент за најголемата хуманитарна организација во земјата, но и признание за нејзината долгогодишна посветеност, професионалност и активен придонес во развојот на Црвениот крст.

Со повеќе од две децении искуство во организацијата – како волонтер, претседател на Општинската организација на Црвен крст Битола и досегашен потпретседател на националното друштво – Др. Ристевска ја презема функцијата со визија за модерен, посилен и поотворен Црвен крст, подготвен да одговори на современите хуманитарни предизвици.

Во новиот мандат, фокусот ќе биде ставен на јакнење на волонтерството и членството, развој на локалните организации, унапредување на хуманитарните услуги, транспарентно управување и зацврстување на партнерствата во земјата и во рамките на Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина.

Изборот на првата жена претседател по осамостојувањето на Македонија претставува важен чекор кон понатамошно унапредување на еднаквите можности и лидерството во хуманитарниот сектор, истовремено продолжувајќи ја мисијата на Црвениот крст – да им служи на луѓето со хуманост, непристрасност и солидарност.

Exit mobile version