Домашен притвор за Стевчо Јакимовски - Ова се деталите

Судот му одреди мерка куќен притвор на поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој заедно со уште четири лица е осомничен дека сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, во периодот од 2011 до 2017 година, при постапување по барања за утврдување на правен статус на објекти лоцирани на улицата „Илинденска“.

Пред судија на претходна постапка, заедно со Јакимовски, денеска беа изведени и лицата Т.Ѓ. во својство на раководител на Одделение за недвижен имот и постапка за експропријација на недвижности во Сектор за правни работи на општината и В.С. во својство на виш соработник во Одделение за спроведување на урбанистички планови во Сектор за урбанизам.

– Одбиен е предлогот за одредување мерка притвор за лицето Т.Ѓ. бидејќи од страна на СЈО во предметот „Топлик“ веќе му се определени мерки на претпазливост, а согласно ЗКП не може да се определи мерка притвор на веќе определена мерка на претпазливост. За лицето В.С е одбиен предлогот за притвор и определени се мерки за претпазливост. Кај сите тројца обвинети определените мерки се бидејќи  се исполнети условите од член 165, став 1 точки и еден и два, информираат од Кривичниот суд во Скопје.

Судот дополнително треба да се произнесе за останатите шест лица, за кои постои основано сомневање дека ја злоупотребиле својата службена положба и овластување, а надлежниот обвинител достави предлог за определување  мерки на претпазливост и тоа забрана за напуштање на живеалиште, односно престојувалиште, обврска повремено да се јавуваат на определено службено лице или државен орган и привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.

Одделот за сузбивање организиран криминал и корупција на МВР до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција денеска поднесе кривични пријави против поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски и уште четири лица Т.Ѓ (62), В.С.(43), М.Т. (59) и Р.Д. (60) сите од Скопје, поради постоење сомнение за сторено кривично дело – „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, соопшти дека е поднесена кривична пријава и против лицата Г.Р. (51) во својство на управител на „Гром Промет“ ДООЕЛ Скопје, Ч.А. (67) во својство на управител на “ЕМАГ“ ДОООЕЛ Скопје, С.П (53) во својство на управител на “ДОТ МЕБЕЛ“ ДООЕЛ Скопје, и Т.К. (58) во својство на физичко лице, поради постоење основи на сомнение дека го сториле кривичното дело -„поттикнување“ во врска со кривичното дело – „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Според документираните сознанија од истрагата пријавените, Јакимовски  во својство на градоначалник на Општина Карпош, Т.Ѓ. во својство на раководител на Одделение за недвижен имот и постапка за експропријација на недвижности во Сектор за правни работи на општината, В.С. во својство на виш соработник во Одделение за спроведување на урбанистички планови во Сектор за урбанизам, М.Т. во својство на вработена во Одделение за просторно и урбанистичко планирање во Секторот за урбанизам во општина Карпош и Р.Д. во својство на вработена како извршител на работи од областа на архитектонвски планирања во општина Карпош, постапувајќи по барања за утврдување на правен статус на објекти лоцирани на ул.„Илинденска“, на катастарски парцели во општината, во периодот од 2011 до 2017 година ја злоупотребиле својата службена положба и овластување и ги пречекориле границите на своите службени овластувања.

Така,  на правното лице “Гром Промет“ ДООЕЛ Скопје му овозможиле противправно да стекне имотна корист во вид на градежно земјиште во сопственост на државата во вкупна површина од 1.533 метри квадратни, кое како градежно неизградено земјиште во 2016 година имало вредност од  најмалку 27.594.000 денари (или 448.683 евра). На правното лице „ЕМАГ“ ДООЕЛ Скопје, му е овозможено противправно да стекне имотна корист во вид на градежно земјиште во вкупна површина од 722 м2, кое, пак, како градежно неизградено земјиште во 2016 година имало вредност од  најмалку 12.996.000 денари (или 211.317 евра). На правниот субјект “ДОТ Мебел“ ДООЕЛ Скопје и на физичкото лице Т.К., пак, им  било овозоможено да се стекнат со ексклузивно право на откуп на земјиште под објект во сопственост на државата за 450 денари по квадратен метар иако доколку се одржело јавно надавање почетната цена би била 300 евра од метар квадратен, информира портпаролот на МВР. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

19.03.2019 - 21:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега