Поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, повторно упати закани за одвојување на РС од Босна и Херцеговина, реагирајќи на одлуката на Уставниот суд на БиХ кој ја отфрли неговата жалба против казната со која беше осуден на една година затвор и поради која му беше одземен мандатот.

„Јасно е дека Уставниот суд на Босна и Херцеговина е дел од кланот чија цел е да го укине Дејтонскиот мировен договор“, изјави Додик на прес-конференција во седиштето на неговиот Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД) во Бања Лука, пренесе Индекс.хр.

Иако му беше изречена шестгодишна забрана за политичка активност, Додик и натаму се претставува како претседател на Република Српска и на СНСД. Според толкувањата на Судот на БиХ, тој не би можел да ја извршува ниту партиската функција, но процедурата сè уште се разгледува во Основниот суд во Бања Лука.

Во меѓувреме, Парламентот на РС ја назначи Ана Тришиќ Бабиќ за привремена претседателка до изборите закажани за 23 ноември.

„Зборувам од просториите на СНСД само од формални и правни причини“, рече Додик, додавајќи дека „Босна и Херцеговина ќе се распадне, а РС ќе стане независна држава“.

„Сè што кажавме дека се наши политички цели, ќе биде нашата ориентација во иднина“, додаде тој.

Додик изјави дека за него БиХ е „завршена приказна“ и најави општа парализа на институциите на државно ниво. Потсети дека Парламентот на РС во февруари усвоил закони кои водат кон сецесија, но тие биле поништени под притисок на американската администрација.

И покрај тоа, Додик не покажува намера за повлекување. „РС и јас, како претседател, веруваме дека не постои уставна БиХ. Постои БиХ во слободен пад и сакам да кажам — нека оди по ѓаволите“, изјави тој.

Тој ја обвини Европската Унија дека „поттикнува анархија и сака да ѝ ги одземе сите права на РС“, а како главен виновник ја посочи еврокомесарката Марта Кос.

„Да нè влечат во ЕУ без статус и право на глас — јас сум против тоа. РС ќе биде против тоа“, порача Додик.

Exit mobile version