Млад лав ја умртви лавицата со која престојувал во ист кафез во Зоолошката градина во Загреб, соопштија денеска од оваа институција преку нивната официјална фејсбук-страница.

Инцидентот се случил неочекувано, иако процесот на нивно спојување претходно течел без никакви знаци на агресија.

„Младиот лав Уганда ја нападна лавицата Таири и ја уби. Меѓу дивите животни се случуваат конфликти, што е дел од нивното природно однесување“, објавија од Зоолошката градина во Загреб.

Од установата појаснуваат дека младите лавови се животни со голема сила, поради што нивното запознавање се одвивало со посебни безбедносни протоколи.

„На 10 јули, тие беа успешно обединети во помошниот кафез, а од 21 јули живеат заедно во надворешниот дел од кафезот ‘Лајон Рок Кидепо’. Парот се сложуваше добро и немаше никакви знаци дека може да се случи таков настан“, се наведува во соопштението.

По нападот, раководството информираше дека се преземени сите неопходни чекори за безбедност на луѓето и останатите животни.

„Во соработка со експерти од други институции, ќе се обидеме да утврдиме зошто се случил овој трагичен настан“, велат од загрепската зоолошка градина.

Лавовите Уганда и Таири беа донесени во Загреб во рамки на Европската програма за размножување за зачувување на северната популација на африканскиот лав, која е прогласена за загрозен вид (EN) на Црвената листа на IUCN со само околу 250 единки во дивината.

Петгодишниот лав Уганда пристигна од Франција, додека шестгодишната лавица Таири беше донесена од Унгарија. Животните беа официјално претставени пред јавноста пред само пет дена.

Exit mobile version