До РКЕ поднесени 1.300 барања од исклучени граѓани од парно

До Регулаторната комисија за енергетика биле доставени околу 1.300 барања од граѓани кои се исклучени од системот за парно греење. Најголем дел од барањата се разгледани и во  99,2 отсто од нив е позитивно решено.

– Процедурата заврши на 31 мај. Добивме околу 1.300 барања од кои на 1.120 им имаме одговорено. Остануваат уште 180 до 200 барања за кои се прават последни анализи и во текот на идната недела ќе им одговориме на сите граѓани кои доставија барања до РКЕ, изјави денеска претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.

Нагласи дека во експресно кратки рокови се примени сите барања и најголем дел од нив се обработени.

На крајот на март, РКЕ донесе одлука со која исклучените од системот за парно греење од април повеќе не треба да плаќаат паушал. Но, дел од граѓаните во април добија сметки за наплата на паушалот по што од РКЕ апелираа да не се плаќаат сметките и да поднесат барања до РКЕ.

Во однос на цените на нафтените деривати и новата методологија, Бислимовски појасни дека како и досега главно влијание врз формирањето на цените имаат цената на дериватите на светските берзи и курсот на денарот во однос на доларот.

– Во изминатите две недели имаше намалување на цените, не по заслуга на Регулаторната комисија, туку цените на светските берзи што се намалуваат. Тоа е тренд што продолжува и овие неколку дена и ќе видиме што би се случило во понеделник. Она што сакам да го потенцирам споредбено меѓу новата и старата методилогија, е тоа дека цените на нафтените деривати што ги исфрла новата методологија се пониски од денар до денар и половина од претходната методологија. Така што тоа е бенефит од новата методологија и тие придобивки ги почувствуваа крајните потрошувачи, рече Бислимовски. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

06.06.2019 - 11:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега