Дивоградбата пред „Мавровка“ се уште се руши - одземен пасошот на инвеститорот

Инвеститорот на објектот пред ТЦ „Мавровка“ доби забрана за напуштање на живеалиштето. Ќе мора повремено да се јавува во Основниот кривичен суд, а привремено му е одземена патната исправа за да не може да ја напушти државата. Ваква одлука денеска донесе Кривичниот суд откако вчера ЈО покрена истражна постапка против градителот, поради основи за сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“ и побара мерки за претпазливост, објави Сител.

И денеска продолжи уривањето на објектот пред Трговскиот центар Мавровка. Со механизација се урива втората половина од платформата на вториот кат. Работниците денеска ја сечеа цврстата челичната арматура за објектот да може да падне. Сепак, поради цврстината на градбата, уривањето се уште оди бавно.

Откако вчера адвокатите на инвеститорот беа незадоволни од вклученоста на владата и начинот на уривањето на објектот, скопскиот градоначалник рече дека начинот на уривање е полегален од начинот на градење.

Тој појасни дека документите кои вчера инвеститорот ги приложи се однесуваат за легализација на еден дел од старото кафуле Фонтана.

-Таму е легализиран објект кој што беше долу во сутеренските простории и само тоа било предмет на легализација. Не може да станува збор, да ги поистоветувате легализацијата од општина Чаир во сутерен со оваа грдосија која што таму никна. Едноставно, да не се правиме на Тошо и да тврдиме дека тоа што било предмет на легализација и за што сопственикот платил надоместок, општина Чаир утврдила дека постојат услови, дека е ова што е предмет на рушење. Навистина сметам дека поигрување со здравиот памет со нас како граѓани, а после како луѓе што ги водат институциите, рече Шилегов.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

03.09.2020 - 16:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега