Дипломатски клуб: Одлуката на Европскиот совет може да има дестабилизирачки последици за Македонија и регионот

Претседателот на Дипломатскиот клуб Скопје, Виктор Габер, во допис до медиумите истакнува дека со оваа политичка одлука на нашите граѓани и на државата им е нанесена тешка неправда, како што вели „по нивната тридецениска плебисцитарна определба за влез во ЕУ и тешките реформи и компромиси за адаптација на македонското општество и исполнување на критериумите за почеток на преговори за таква интеграција“.

-Исклучително позитивните оценки за тие наши напори на огромното мнозинство на членките на Европскиот совет, а особено заедничкото писмо на европската четворка Лајен, Туск, Јункер и Сасоли, е потврда дека блокадата од една земја членка е сам по себе политички и дипломатски парадокс и нејзина изолација од страна на мнозинството во тој Совет. Без сомненение, така донесената одлука на Европскиот совет може да има и серија дестабилизирачки последици по развојот, безбедноста и мирот во Македонија и регионот. Заради некои внатреполитички калкулации во една членка на ЕУ, сметаме дека со оваа одлука се придонесува за настапување на ретроградни процеси на југоистокот на европскиот континент и наместо просперитет и отворање на перспективи, да дојде до загрозување на стабилноста во директно опкружување на Европската унија, пишува Габер.

Нагласува дека членовите на Дипломатскиот клуб на сите субјекти во државата кои беа и се ангажирани на постигнување на поставените стратегиски цели на Македонија – полноправна членка на Европската Унија и на НАТО, им ја изразуваат својата колегијална поддршка и уверување дека и во овие тешки моменти, како што вели, сите треба да вложиме уште поголема енергија, знаење и работа за постигнување на тие цели.

-Нашата дипломатија се калеше и се кали во вакви премрежиња, и тридецениските постигања се доказ дека поставените цели се рационално и визионерски утврдени. Нема враќање од тој пат! Затоа колеги и сите субјекти ангажирани за постигнување на тие цели, примете ја нашата благодарност и поддршка за изградба на Македонија како стабилен, развиен и цивилизиран член на европското семејство, пишува во соопштението.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

20.10.2019 - 12:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега