Димовски: ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за разрешување на Катица Јанева

Собранието ја започна пленарната седница со единствена точка на дневен ред – разрешување на Катица Јанева од функцијата специјален јавен обвинител. Ниту еден пратеник од власта или опозицијата не побара изменување или дополнување на дневниот ред кој едногласно го прифатија.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, кажа дека Комисијата за избор и именувања, со која тој преседава, едногласно му предложила на Собранието да ја разреши Јанева. Тој вели дека ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа „за“ разрешувањето.

-Секое правно лудило завршува вака. Секогаш кога Собранието носи неуставни закони, вклучително и јас. Секогаш кога правите органи не реагираат, иако стопати беше кажано дека СЈО излегува од уставните рамки, излегува вака. Немам право на јавна сцена да зборувам за Извештајот на Советот на јавни обвинители, но можам да се повикам на тогашниот претседател Коле Штрејев кој самиот кажа дека се поведува Иницијатива затоа што констатирале нестручно, незаконско и несовесно работење на јавниот обвинител. Врз основа на тоа, Комисијата за избор именувања многу брзо се свика и донесе заклучок и предлог-одлука за разрешување. Секој правен експеримент може да донесе само штета на државата. Најдете правен ред во државата. За секого, кого правосудните органи ќе најдат криминал треба да одговара, без разлика за кого се однесува. Но, злоупотребата на правниот систем не носи ништо добро“, вели Димовски, кој е и обвинет во предметот „Талир“ на СЈО.

Седницата е во тек. За Собранието да утврди предлог за разрешување на Јанева, потребно е двотринско мнозинство и бадинтерово гласање. Доколку пратениците се „за“ разрешување на Јанева потоа, предлогот се доставува до Советот на јавни обвинители кој го финализира разрешувањето.

Постапката започна поради нестручно вршење на функцијата, откако Катица Јанева заврши во притвор како осомничена за случајот „Рекет“.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

14.09.2019 - 14:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега