Димовски: Почнува примената на Законот инспекциски надзор, наместо репресија се обезбедува превентива

Во април оваа година го донесовме новиот Закон за инспекциски надзор со кој понудивме сосема нов концепт и пристап во спроведувањето на инспекцискиот надзор. Задоволство ми е да известам дека почнувајќи од минатата сабота, односно од 30 ноември 2019 година, отпочна примената на новиот закон, а во завршна фаза е и усогласувањето на над 150 материјални закони, кажа на денешната прес-конференција Методија Димовски, член на Комисија за информатичко општество и администрација на СДСМ.

„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е свесен дека инспекциската функција е неопходна за одржување на “владеењето на правото“. Водејќи се од интересите на граѓаните и деловната заедница, овој клучен репресивен механизам на државата, добива сосема нова димензија. Имено, со новиот концепт на инспекциски надзор, од репресивен го претвораме во превентивен механизам, односно акцентот го ставаме на доброволното усогласување на деловната заедница со важечките прописи и барања од законската регулатива.

Свесни сме дека инспекцискиот надзор создава трошоци за граѓаните и фирмите, кои што се придржуваат кон законите и прават се доброволно да се усогласат. Затоа, жестоко ќе се спротивставиме на активностите што се нелегални или се дел од неформалната економија, кои создаваат компаративни предности за оние фирми што не ги исполнуваат прописите односно, се надвор од опфатот на инспекциите.

Со отпочнувањето на примената на новиот Закон за инспекциски надзор, инспекциските служби веќе нема да бидат инструмент за репресија и политички притисоци, а изборот на правните субјекти кои ќе бидат контролирани ќе се спроведува врз основа на проценка на ризик за појава на неправилности во работењето.

Проценката на ризик е меѓу најважните новини кои ги донесува овој закон. Таа ќе овозможи зголемување на квалитетот на процесот на планирање, но пред се, зголемување на предвидливоста на инспекцискиот надзор, подобрување на транспарентноста, зголемување на ефикасноста и ефективноста на инспекцискиот надзор и секако намалување на трошоците за спроведување на оваа функција на државата.

Намалувањето на трошоците нема да биде само на страната на јавниот буџет, туку и на страната на буџетите на субјектите на надзор, бидејќи проценката на ризикот во инспекцискиот надзор, ќе ја елиминира или значително ќе ја намали арбитрарноста, невоедначеноста, самоволието, коруптивноста и другите можни злоупотреби при планирањето и спроведувањето на инспекцискиот надзор, особено во однос на зачестеноста и траењето на инспекцискиот надзор кај одредени субјекти на надзор.

За да ги заштитиме фирмите и граѓаните, со новиот закон воведуваме задолжително писмено најавување на редовните инспекциски надзори, како и задолжително поседување на писмен налог за вонреден инспекциски надзор.

Со новиот закон воведуваме уште еден механизам кој обезбедува транспарентност и предвидливост во постапката за инспекциски надзор, а тоа е листата за проверка која за субјектите на надзор има едукативна цел да им  ги посочи конкретните барања за усогласеност со прописите и која позитивно ќе влијае врз зголемување на нивната информираност.

Воведуваме појасна регулација на правата на субјектите на надзор, кои се однесуваат на засилување на правната сигурност на деловниот сектор, но и на нивната заштита од евентуална нелојална конкуренција, која може да биде предизвикана со изнесување на доверливи информации од страна на инспекторот.

Само активната грижа за секој граѓанин и деловен субјект во земјата е потврда дека сме на правиот пат“, кажа Димовски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

05.12.2019 - 16:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега