На сите граѓани на Република Македонија им го честитам празникот 11 Октомври – Денот на народното востание, ден на македонската борба за слобода, еден од најзначните во нашата историја и во создавањето на македонската државност, пишува во денешното соопштение од Социјалистичка партија на Македонија.

„11-ти Октомври 1941-ва, е денот кога македонскиот народ го направи историскиот чекор, својствен за сите историски големи, правдољубиви и слободарски народи, и ја започна големата Народноослободителната борба за ослободување на Македонија од нацистичкиот и фашистичкиот окупатор.

Овој ден е симболот со кој се означува непокорот на македонскиот народ и неговата непоколеблива борба против суровиот фашизам, борба за народно ослободување и за национална и социјална правда. 

Во крвавите години исполнети со многу борби, злосторства, жртви и искушенија, македонските партизански единици не потклекнаа и заедно со слободољубивиот народот на Македонија храбро војуваа кон конечното ослободување.

Македонскиот народ и Народноослободителниот фронт на Македонија се изборија за вториот македонски Илинден, државотворниот АСНОМ, остварувајќи ги идеалите на многу генерации за слобода и сопствена држава.

Горди сме на нашите предци и нашите идеолошки претходници за нивното учество, дадените жртви и големата храброст затоа што без 11 Октомври 1941-та ние нема да го имавме ниту вториот ниту третиот Илинден. Благодарение на 11 Октомвриското востание ние се изборивме и за слободата и за државноста и за независноста.

Длабоко се поклонуваме на нивните жртви, со голема благодарност за нивната одлучност и храброст за извојуваната слобода и поставувањето на темелот на нашата државност.

Затоа денес, токму на овој голем празник, уште еднаш се потсетуваме на заветот кој тие ни го оставија, достојно и гордо да го чуваме, негуваме и почитуваме највредното што го имаме, нашата Македонија!

Нека ни е вечен Денот на народното востание!

Вечна да ни е слободата!

Да живее Република Македонија“, порачува претседателот на СПМ, Љупчо Димовски.

Exit mobile version