Димовски на состанок на Северноатланскиот Совет: Македонија заслужува почит од сите НАТО сојузници

 

Делегација на македонскиот парламент предводена од пратеникот Илија Димовски, шеф на македонската делегација во Парламентарното Собрание на НАТО, денес присуствуваше на состанок на Северноатланскиот Совет. Во делегацијата е и потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-дин Весел Мемеди.

Денешниот состанок на Северноатланскиот Совет беше претседаван од Генералниот секретар на НАТО Столтенберг, а во присуство на високи претставници од парламентите на 29 членки, меѓу кои и спикерот на Конгресот на САД, г-ѓа Ненси Пелоси, која лично до пратеникот Илија Димовски и до македонската делегација ги пренесе честитките до македонскиот народ во име на Конгресот на САД.

На состанокот на Северноатланскиот Совет свое обраќање имаше и шефот на македонската парламентарна делегација во НАТО, пратеникот Илија Димовски, при што истакна дека во Македонија се донесоа тешки и болни одлуки и затоа заслужуваат посебна почит од сите НАТО сојузници. Потенцирајќи ја посветеноста на Македонија уште од далечната 1993 година кога прв пат македонското собрание ја утврди својата определба за членство во НАТО алијансата, побара забрзана ратификација на Протоколот за членство во НАТО од парламентите на сите 29 држави членки, но и се заблагодари на колегите од грчкиот, албанскиот и словенечкиот парламент кои веќе го сториле тоа.

Денешниот состанок на Северноатланскиот Совет македонската парламентарна делегација ја искористи за низ билатерални средби со претставници на парламентите од повеќе НАТО држави при што повторно побара забрзана ратификација на Протоколот за членство на Македонија од своите колеги во сите 29 членки. Очекувањата на македонската делегација се дека процедурата за ратификација на Протоколот за членство ќе оди брзо и без пречки во сите парламенти на државите членки на НАТО.

Македонската парламентарна делегација ќе ја продолжи својата посета во НАТО и следните два дена.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.02.2019 - 16:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега